Малку повеќе за мене…
Пред повеќе од 13 години, една висока и убавa жена влезе во мојата канцеларија барајќи помош. Во тој период бев во фаза на „жена која кажува да“, што значеше дека кажував „да“ на сè што ќе ми дојдеше на патот. Сакав да помогнам, но не знаев дека, всушност, јас имав потреба од помош.
Во тој период имав своја компанија и бев мошне успешна. Имав свој стан, нов автомобил, прекрасни пријатели, колеги и неверојатен социјален живот. Бев социјална пеперутка. Имав неколку необврзни партнери и мачка. Постојано бев во движење. Можевте да ме чуете како трчкам во моите високи потпетици… клик, клик, клик, клик. Моите пријатели шегувајќи се велеа дека ако постои натпревар во брзо трчање на високи потпетици, јас ќе бев апсолутниот победник. Имав време за сè и за сите. Имав сè!
Вака изгледаше однадвор. Однатре, се чувствував празно.
Се немав себеси. Не знаев многу за себе. Го живеев животот на автопилот, правејќи го она што требаше да го правам, следејќи ги општествените норми и она што се очекуваше од мене. Не бев свесна за моите мисли, верувања, вредности, обрасци и како тие влијаат на моето постоење. Постојано бркав нешто, следниот клиент, следниот проект, големата љубов, социјалниот статус… листата беше бескрајна. Никогаш не бев целосно задоволна со ништо. Ништо не беше доволно добро, вклучувајќи ја и мојата сопствена изведба. Не бев задоволна од самата себе.
Спонтаноста е една моја особина и секогаш ми носела прекрасни искуства. Така и започна моето НЛП-патување, спонтано. Кажав „да“ за да помогнам на друга личност. Се сопнав од НЛП и можам да кажам дека НЛП ме пронајде мене. Марина Анчевска, жената која го донесе НЛП во Македонија, беше свесна дека давањето и примањето се две работи што треба да бидат избалансирани во животот. Така, за возврат таа ми предложи да се запишам на курс за НЛП-практичар. „Жената која секогаш кажува да“ повторно рече „да“.
Но, се премислував. „Зошто ли реков да?“ Ќе треба да поминам три дена на некоја прилично досадна обука и ќе си го потрошам своето време. За мене тоа беше време што можев да го искористам за работа, социјализирање, забави или едноставно гледање серија и „опуштање“. Сепак, дадов збор и тоа значеше дека тоа и ќе го направам.
За време на првиот модул од НЛП-практичар ми се појави прашањето: „Зошто не сум задоволна во животот?“ Првата голема лекција што ја научив беше дека поставувам погрешни прашања. Започнете го прашањето со „Како? Што? Каде? Кој?“ наместо со „Зошто?“ – и оваа проста промена на само еден збор започна да го менува мојот живот.
„Како можам да бидам задоволна?“
„Што ме спречува да бидам задоволна?“
„Од каде доаѓа ова чувство на задоволство?“
„Која треба да станам за да бидам задоволна?“
Неколку различни прашања кои ми открија толку многу од моето вистинско Јас. Така го започнав моето внатрешно патување, мојата внатрешна експедиција. Колку повеќе учев, толку повеќе сакав да знам, толку повеќе мојот живот почна да добива нова форма.
Од тој викенд, постепено, станав прво НЛП-практичар, а потоа и Мастер НЛП-практичар, само неколку години подоцна квалификувајќи се како коуч и практичар на системски динамики – учејќи од единствената Јоке Ленд (Joke Land). Тоа беше најдобрата инвестиција на моето време и на моите ресурси!
Во меѓувреме, ја затворив компанијата и се преселив во Виена. Почнав да работам со индивидуални клиенти и големи меѓународни организации. Моето патување на личен развој продолжи и сè уште трае.
Откако станав тимски коуч за високи тимски перформаси со брилијантната Мерлин Аткинсон (Marylin Atkinson), започнав да работам и со различни тимови, што ми носи потојано надградување, учење и понатамошно истражување на комплексноста на човечките и социјалните интеракции.
Во 2018 година конечно собрав средства и отидов да се сретнам со мајсторот, еден од основачите на НЛП – Џон Гриндер (John Grinder), со кој конечно израснав во целосно развиен НЛП-тренер и ментор-тренер во 2021 година. А во 2023 се стекнав и со знаењето за Новиот код на НЛП, најновата технологија на Џон Гриндер, Кармен Бостич Ст. Клер и Мајкл Карол (John Grinder, Karmen Bostic St. Clair и Michael Caroll) која работи во склад со најсовремените невроистражувања и техники.
Се чувствувам благодарна што имав и сè уште имам можност да учам од најдобрите.
Мојот живот не беше секогаш како што сакав. Многупати сме изложени на околности кои можат да нè зајакнат или уништат.
Во 2018 година, кога помислив дека животот не може да биде подобар, одлучив дека е време повторно да влезам во претприемачките води и да започнам свој бизнис во Виена за развој на другите преку обуки и коучинг. Веќе имав 20 години професионално искуство како претприемач, лидер, специјалист за комуникација и консултант на меѓународни организации. Имав повеќе од 1000 часа искуство како коуч. Имав врска и партнер што верував дека ми дава сигурност. Имав и заштеда. Но, најважно од сè, се имав себе, својата енергија и мотивација. Имав план. I had a plan.
Меѓутоа, дел од тоа стоеше на стаклени нозе. Несигурноста која ја носи претприемништвото може да биде тешка за личните односи – особено ако се токсични или немаат цврста основа. Несигурноста ја скрши мојата врска на илјадници ситни парчиња. Во некој период помеѓу обидот да ја спасам врската и да го зацврстам сопствениот бизнис, повторно се изгубив себеси. Завршив со скршено срце, без пари, без дом и без работа.И ако тоа не беше доволно, токму кога започна Ковид-19 пандемијата и почна иницијалната паника, ми беше диајностицирана ретка врста на рак, со можност за преживување од само 30 проценти. Се чувствував како да сум погодена од цунами, додека земјата се тресеше под моите нозе. Едвај ја држев сопствената глава исправена и шепотејќи барав здив.
Тоа беше најтешкото време во мојот живот. Хемотерапијата и радиотерапијата скоро и да ме убија. Ѝ погледнав на смртта во очи. Ѝ намигнав, и како феникс повторно се издигнав нагоре.
За среќа, имав знаење и алатки за да си помогнам и имав неколку ангели-чувари на патот.
Првото прашање што ни доаѓа на ум кога ќе нè погоди катастрофа е: „Зошто мене?“ Почнав со промена на прашањата. Потоа, ја променив рамката (друга НЛП-алатка): Ковид-19 го запре светот затоа што мене ми е потребно време за да се излечам. Одговорот беше едноставен – ете, толку е важно моето постоење за овој свет. Конечно, донесов одлука: повторно да бидам здрава и среќна!
Знаев дека единствениот пат е враќање кон себеси.
Повторно се навратив на траумите од моето детство и открив дека сè уште имам работа со себе за да ја излекувам она мала верзија од себе. Како што се спријателив со болните сеќавања, почнаа да се случуваат мали чуда. Сеќавањата на радост и сигурност почнаа да се враќаат. Првпат видов светлина во минатото и сите оние прекрасни спомени што беа заклучени во темнината излегоа на површина. Она што го сфатив е: имаме многу различни учители во нашиот живот. Сите тешкотии, катастрофи и непријатни околности со кои се среќаваме на нашиот животен пат се исто, учители.
Денес можам да кажам дека сум целосно излечена и слободна од токсични луѓе и односи. Ја обновив врската со моите родители и уживаме во времето што го поминуваме заедно. Имам здрави граници околу себе и прекрасна врска со себе. Работам со неверојатни луѓе, индивидуално и во организации, помагајќи им да се издигнат во овие предизвикувачки времиња. Сведочењето на нивниот успех ми е најголема радост!
Силно верувам во внатрешниот човечки потенцијал кој е во секој од нас. Во нашите способности да растеме и да се трансформираме, и да ги направиме можни работите кои ни изгледаат невозможни. Преку развивање на врската која ја имаме со себе и со нашата околина, верувам дека сите можеме да создадеме можности за промена и да го живееме животот што го посакуваме.
Свесната и намерна комуникација, свесноста, значајните односи, и еластичноста се во срцето на сè што правам. Мојот системски пристап го поддржува растот на поединецот и на целокупната организациска виталност на сите видови системи, дали се приватни, јавни или глобални корпоративни системи.